Општина Куманово објави јавен оглас за избор на компанија за изградба на кружен тек на крстосница помеѓу булеварите „Октомвриска револуција” и „Трета Македонска Ударна Бригада”. Проценетата вредност за изведување на градежните активности е 30.508.400.00 денари, соопштија од одделението за јавни набавки.

Според објавата, економските оператори треба да достават дозвола за изведување на градежни активности издадена од Министерството за транспорт и врски, да имаат соодветна механизација, да располагаат со стручен и квалификуван кадар. Најниската цена е пресудна за избор на компанијата. Отворањето на понудите е на 20 април годинава во просториите на општината.

Изградбата на два кружни тека во Куманово е предвидена во развојната програма која ја изгласа Советот на една од седниците кон крајот на мината година. Покрај изградба на кружните текови, предвидено е и проширување на сообраќајните ленти, тротоарите.

Претходно во Куманово, прв пат во 2019 година беше изграден кружен тек на влезот од градот помеѓу булеварот „Трета МУБ” и улицата „11 Октомври” за што од општинскиот буџет беа одвоени 19,7 милиони денари.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/04/2021 13:11