Пандемијата од Ковид-19 го зголеми бројот на читатели во струмичката библиотека „Благој Јанков Мучето“, информира директорката Тања Гошева.

Моментно се евидентирани околу 1.500 членови, на кои им стои на располагање фонд од над 90 илјади книги од најразлични жанрови.

-Пандемијата не влијаеше на интересот за читање книги, туку во последната година бележиме зголемување на бројот на членовите. Од неодамна го дигитализиравме пребарувањето по наслови за кои се интересираат читателите и во секој момент знаеме каде се наоѓа одредена книга, доколку ја нема на полиците. Веднаш интервенираме доколку некој ја задржал книгата повеќе од дозволеното и го замалуваме да ја врати за да може и друг да ја прочита, вели директорката Гошева.

Додава дека постојано се обновува книжниот фонд, како од сопствени средства, потоа од донации на издавачките куќи и од самите автори. За семејни членски карти се обезбедени попусти, а деца од претшколска возраст не плаќаат членарина.

Во рамки на струмичката библиотека работат и две подрачни во селата Муртино и Василево.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/04/2021 13:29