Српскиот пејач и хармоникаш, Предраг Живковиќ Тозовац, ја загуби битката со коронавирусот на 86-годишна возраст, јави дописникот на МИА од Белград.

Тозовац одредено време беше во болница на кислородна поддршка, а пред неколку дена изјави дека би сакал да го пуштат дома за да може достоинствено да умре.

На хармониката што му ја оставил татко му Тоза, по кого го добил прекарот, почнал да свири на 10-годишна возраст, заработувајќи за живот свирејќи на свадби.

Покрај хармоника, Тозовац научил да свири и на тапани и на труба. Завршил средно училиште и студии по економија.

Своите први синглови ги снимил на 11 јуни 1965 година. Слава стекнал веќе во 1967 година со песната „Под липата, покрај потокот“, а истата година, снимил четири синглови во дует со Силвана Арменулиќ („Девојко гарава“).

Неговата голема популарност почнува во 1971 година со композицијата „Мирјана“ и следната година со песната „Очите на една жена“ со што го потврдува својот статус на најпопуларен пејач во тогашна Југославија. Во 1972 година ја отпеа песната „Еремија“, која тогашните комунистички власти ја класифицираа како четничка песна, поради што беше принуден да се засолни во Германија. По две години, се вратил во Србија, а властите му го одземаат пасошот, но Тозовац остана миленик на публиката и продолжува да пее.

Покрај многуте концерти и ТВ-емисии, тој пееше и во дует со: Предраг Гојковиќ Цуне, Мирослав Илиќ, Лепа Лукиќ, Мира Васиљевиќ итн. Во осумдесеттите, заедно со Предраг Гојковиќ Цуне и актерката Злата Петковиќ беа водители на познатата „Фолк парада“.

Во 2018 година, на концерт одржан по повод 60-годишнината од радио-телевизија Србија, му беше врачен Златен микрофон на Радио Белград.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/04/2021 15:08