По повод 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите, денеска на јарболот пред општинската зграда во Прилеп беше подигнато ромското знаме.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски го честиташе Меѓународниот ден на Ромите, и го потенцираше значењето на граѓаните од ромската етничка заедница во градењето мултикултурно и мултиетничко општество.

-Прилеп ги почитува традицијата и културното наследство на Ромите, притоа негувајќи ги хуманоста, еднаквоста и солидарноста. Локалната самоуправа вложува максимални напори за создавање услови за подобар живот на ромската заедница, рече Јованоски.

Годинава се одбележуваат 50 години од првиот Светски ромски конгрес, кој на 8 април 1971 година се одржал во Орпингтон, во близината на Лондон, кога активисти од Европа ги потврдиле ромското знаме, химна, јазик, култура и ромскиот идентитет на повеќе од 12 милиони Роми во Европа. Во Прилеп живеат над 5000 Роми.

Јованоски до сите граѓани упати и порака за доследно почитување на мерките и препораките за заштита од Ковид-19, што е најдобриот начин за заштита на нашето, но и на здравјето на нашите најблиски.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/04/2021 14:29