​САД ја предупредија Кина на потезите што Филипините и Тајван ги нарекоа „крајно агресивни", предупредувајќи го Пекинг за обврските на Вашингтон кон своите партнери, додека двете суперсили ги засилуваат поморските активности во Јужнокинеското Море.

Вооружениот напад врз филипинските сили, пловни објекти и авиони во Пацификот, вклучувајќи го и Јужнокинеското Море, ќе предизвика реакција кон обврските од договорот за одбрана меѓу САД и Филипините, изјави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.

– Ја споделуваме загриженоста на нашите филипински сојузници за континуираното групирање на кинески воени бродови во близина на гребенот Витсун, додаде тој.

Повеќе од 200 кинески пловила првпат беа забележани во близина на гребенот на 7 март, околу 320 километри западно од островот Палаван, во рамки на ексклузивната економска зона на Филипините. Оттогаш, пловилата се проширија на поголема површина во Јужнокинеското Море, во рамки на зоната дефинирана од Меѓународниот арбитражен суд во Хаг.

Манила со недели го повикува Пекинг да ги повлече своите поморски сили, тврдејќи дека нивното присуство е нелегално.

Тензиите се зголемуваат и на Тајван, за кој Пекинг тврди дека е дел од Кина, чија влада вчера извести за упад на 15 кинески авиони во нејзиниот воздушен простор.

Тајван ја предупреди Кина дека ќе се брани „до последниот ден", доколку е потребно.

– САД имаат капацитет да се спротивстават на секое прибегнување кон сила што би ја загрозила безбедноста или социјалниот или економскиот систем на тајванскиот народ, рече Прајс, повикувајќи се на Законот за односи со Тајван, според кој САД треба да обезбедат безбедност на островот за да може да се брани од Кина.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/04/2021 23:08