Излезе од печат монографијата „За Делчево и животот на делчевци од 1920 до 1960“. Како што истакна авторот на делото Љупчо Прачковски, во книгата е опфатен периодот во развојот на Делчево од 1920 до 1960 година.

-Со собирање материјал за оваа книга почнавме од 2010 година, материјал во чии рамки интервјуиравме голем број на постари жители низ чии разговори произлезе печатеното издание. Имаме отпечатено 120 примероци од книгата во која е опфатен периодот од 1920 до 1960 година. Нашите сограѓани зборуваат за многу интересни приказни, опфатено е сето тоа што се случувало во градот, косритени се голем број на фотографии на луѓе од тој временски период кои можеби ништо не значат за животот на денешниот делчевчанец, но за историјата на Делчево значат многу, вели авторот Прачковски.

Рецензент на книгата е Миле Ѓорѓијоски кој додаде дека авторот на монографијата со својата макотрпна работа успеал да откине од забот на времето голем број настани, значајни личности, но и периоди од развојот на Делчево и повторно преку оваа книга да ги врати во живот.

-Делото претставува еден вид Ода за Делчево и Делчевчани. Монографијата „За Делчево и животот на делчевци од 1920 до 1960“, не е само фактографско прикажување на настаните за овој по многу нешта специфичен период од развојот на градот. Професорот Љупчо Прачковски со внимателно одбрани настани поткрепени со стари фотографии, на умешен начин успева како на филмско платно да ги нареди еден по друг настаните, кои во период од четириесет години битно влијаеле за менувањето, како на животот на делчевци исто така и за развојот и експанзијата на Делчево, од мало место до современ град, додаде Ѓорѓијоски.

Професорот и поранешен градоначалник на Делчево Љупчо Прачковски додаде дека промоцијата на книгата ќе се одржи по првото ублажување на мерките за заштита од Ковид-19.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/04/2021 22:08