Жители од населбата Усова Чешма во Кочани, како и вработени во компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија” реализираа две одделни акции за пошумување, при што засадија над 1 300 багремови стебла.

Еко-акцијата во Усова Чешма се спроведе на новоизградената улица „Мишо Арсов”, каде граѓаните се самоорганизираа во набавката на 300 садници и ја озеленија од двете страни на коловозот. Истовремено, обезбедија и соодветна заштита од уништување на стеблата.

Вработените во „Амфенол Технолоџи Македонија”, во соработка со ЈП „Национални шуми” обновија дел од шумскиот појас на Осоговските Планини што минатата година беше уништен од пожар.

-Оваа акција за пошумување е дел од првата етапа на планирани еко-активности за годинава, а во наредниот период ќе следат уште неколку. Сакаме да поставиме норми на однесување што би требало да ги следат и другите за да се подобри квалитетот на животот на граѓаните од целиот регион, пред сé за идните генерации. За неполни два часа засадивме над илјада багремови садници со што исполнивме дел од нашата општествена одговорност, истакна Сашко Наков, директор на „Амфенол Технолоџи Македонија”.

Од Општина Кочани ги поддржаа реализираните еко-активности, истакнувајќи дека со тоа граѓаните покажуваат висока свест за потребата од чиста и здрава животна средина, а истовремено даваат придонес за разубавување на својата непосредна околина.

Во пролетните акции за озеленување на Кочани, досега се засадени над пет илјади садници на различни локации во градот, како и на опожарените површини на Осоговските Планини и во месноста Пресечена Скала.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/04/2021 13:49