Деновите од викендот голем број тетовци го поминаа во обид да се снајдат и да обезбедат вода за пиење и хигиена во нивните домови. Се повеќе часови се поминуваат без вода, па тетовци алармираат дека во време на пандемија се соочуваат со немање вода за лична хигиена.

–Чиста вода е едно од основните човекови права. Ние вчера и денеска, а и многупати претходно сме 12 саати без вода. Во време на пандемија раце да не можеш да измиеш. Да не објаснувам сликовито и многу други ситуации за кои ниско е да се зборува. Син ми утре нема да оди во градинка затоа што нема со што да го избањам. Да, за градот под Шара зборувам, вели Соња која живее во комплексот згради Блок 70, преку статус на Фејсбук.

-Ова е голем срам за Тетово. Ние во стариот дел од Тетово, веќе еден месец се соочуваме со проблемот со водоснабдувањето, по цел ден нема вода. Се води битка за градоначалник, а за народот никој не води сметка, вели Цонка Антовска, кој живее во населбата Поток.

Од работната единица „Водовод и канализација“ при ЈКП Тетово објаснуваат дека нема дефект туку студеното време и снегот не дозволуваат поголема штедрост на природните извори со вода на Шар Планина. Намалените количини на вода оневозможуваат создавање соодветен притисок што треба да ја носи водата од мрежата до сите домаќинства. Според нив, проблемот се појавува особено во згради и куќи кај кои нема хидрофори и цистерни за складирање вода.

-Практиката покажува дека во април издашноста на изворите се зголемува и со тоа ќе има доволно вода за пиење. Се топи снегот на повисоките предели на Шар Планина што резултира со зголемување на издашноста на изворите со вода кои се наоѓаат на тие места, вели Љуљзим Шаќири од „Водовод и канализација“.

Во моментот Тетово се снабдува со коколу 270 литри во секунда, а за нормално водоснабдување потребни се над 300 литри вода.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2021 13:09