Националната установа Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“-Битола, СОУ „Таки Даскало“-Битола и професорката Николина Поповска започнуваат да го реализираат проектот за одржување на работилници за креативно пишување и поттикнување на читачка култура.

Од Библиотеката информираат дека одржувањето на едукативни работилници претставува интелектуален и емоционален предизвик за секој млад човек.

-Претстојните работилници директно ќе придонесат кон книжевноста, интерпретацијата, творештвото и креативното пишување за личен и професионален развој кај младите. Креативното размислување вклучува активности кои ја развиваат имагинацијата, базичната употреба на методи, комуникација, физичка умешност и напор, лоцирање на проблем и негово решавање, интерпретирање и употреба на симболи кои ќе им помогнат во понатамошното развивање на вештините во зависност од нивната возраст, посочи Фатма Бајрам Аземовска, координатор во проектот.

Содржините на креативните-едукативни работилници се насочени кон поттикнување на креативноста кај децата за развивањето на истражувачка дејност, развој на меки вештини, развој на критичко размислување и емоционална интелигенција, развој на комуникациски и интерперсонални вештини, слободно изразување и градење на самодовербата, како и ментален развој кај младите.

Проектот се реализира со поддршка на Министерството за култура.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/04/2021 13:23