Во Галерија МКЦ денеска во 17 часот ќе биде отворена групна изложба со едноставен наслов „Изложба“, на која ќе бидат претставени дела од младите графичари Ана Трајковска, Душан Стефановски, Ивана Секулоска и Јован Јосифовски.

Младинскиот културен центар во најавата за изложбата наведува дека авторите преку индивидуалните експериментирања со графичкиот печат и неговото втиснување во и врз различни материјали (епоксидна смола, линолеумски отпад, гипс, желатинска фолија, лесонит, тул, хартија…) помалку или повеќе ќе успеат да ги допрат граничните подрачја и ќе ги прелеат и слеат во други ликовни медиуми во кои непосредно може да се препознаат карактеристиките на проширеното поле на графичката уметност.

– Уметниците ќе ги презентираат своите дела кои отстапуваат од канонизираното класично поимање на графичката уметност. Низ различни аспекти, преку манипулирањето со техничките, медиумските и стилски концепти ќе претендираат да ги прошират границите на нејзиното поле, додава МКЦ за изложбата која ќе биде отворена до 24 април.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/04/2021 14:45