Во фоајето на Центарот за култура „Ацо Шопов“ изложени се дела од 16 автори. Изложбата е по повод Светскиот ден на уметноста и раѓањето на генијалниот Леонардо Да Винчи. Публиката може да види графики, цртежи и акварели. Директорот на Центарот за култура „Ацо Шопов“, Горан Трајков истакна дека идејата за отварање на изложбата е да придонесат граѓаните да се опуштат од секојдневието во кое се наоѓаат.

-Уметноста е секогаш тука да не води напред и се надеваме дека во текот на овој месец, секој граѓанин, кој ќе сака малку да се опушти да ја виде ликовната уметност, историјата на Центарот за култура „Ацо Шопов“ да дојдат да ја посетат од 10 до 18 часот, секој ден, вели Трајков.

Тој најавува дека наредниот период ќе се работи и на документација и на проектите за реконструкција на зградата на Центарот за култура „Ацо Шопов“. Симболот на културата и местото, каде што штипјани ги проследуваат најголемите културни настани пропаѓа веќе неколку години наназад. Протекува кровот, подот е оштетен, нема греење во салата, зимските месеци во неа не се одржуваат големи настани. Трајков вели за да се решат овие проблеми ќе мора архитекти да утврдат колку ќе чини санацијата, по што ќе се направи и техничка документација. Со готовите проекти ќе можат да конкурираат и до Министерството за култура, но и до фондовите на ЕУ, какошто е програмата за Меѓугранична соработка со Бугарија.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/04/2021 11:03