Нова детска градинка со капацитет да згрижи 108 деца од предшколска возраст се гради во Драчево, општина Кисела Вода. Градинката, која треба да биде изградена во август годинава, ќе има шест групи, две за јасли односно деца од 0 до две години, и четири групи за деца од две до шест години.

-Објектот се гради со средства од Министерството за труд и социјална политика во висина од 39 милиони денари и треба да биде готов во август. Она што е значајно да се напомене е дека децата од Драчево ќе бидат сместени во еден објект кој ќе биде изграден по најсовремените стандарди. Оваа градинка и објектите низ државата говорат за партнеркиот однос што МТСП како дел од централната власт го има со единиците на локалната самоправа конкретно во случајот во општина Кисела Вода за изградба на објекти од заеднички интерес, рече министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска при увидот во градежните активности за изградбата на градинката.

Таа додаде дека во изминатите седум бесеци биле изградени нови или реконструлирани и проширени постојните детски градинки, со што било овозможено згрижување на 670 нови деца.

До крајот на годината, најави министерката за труд и социјална политика Шахпаска, ќе треба да се завршат уште 11 нови градинки со опфат за згрижување на дополнителни 1400 деца.

Градоначалникот на Кисела Вода Филип Темелковски истакна дека оштината и натаму ќе продолжи да се залага за унапредување на грижата за децата. Притоа, тој потсети на она што општината со свои средства успеала да го направи во постојните градинки на нејзина територија во насока на подобрување на условите во кои се згрижени децата.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/04/2021 15:35