„Wings For Life World Run" е трка која првпат се одржала во мај 2014 година со цел да ја поддржи непрофитната организација Wings For Life, која се занимава со истражување на повреди на 'рбетниот столб.
Оваа трка се одржува на ист ден, во исто време во повеќе од 70 држави низ целиот свет – 9 мај!
– Без разлика дали во нивната временска зона е ден или ноќ, дали се трча на сонце или низ невреме. Покрај тоа, Wings For Life App Run трката е специфична по тоа што не постои класична целна линија – на оваа трка важно е да не дозволите да ве престигне "Catcher Car" автомобилот на мобилната апликација на вашите паметни телефони, кој започнува да се движи 30 минути по почеток на трката и се движи со иста брзина низ целиот свет. Трката се завршува во оној момент кога виртуелниот автомобил ќе ги престигне сите тркачи, се вели во соопштението.
Бидејќи секој тркач сам одлучува колкава дистанца ќе истрча, на трката може да се пријави секој без разлика на својата физичка подготвеност.
Минималната сума за регистрација на оваа трка е 10 евра, а сите средства собрани од трката одат во непрофитната организација Wings for Life. Од 2014 година, на оваа трка имаат трчано повеќе од 700.000 тркачи ширум светот, кои успешно имаат истрчано 7.000.000 километри и имаат донирано повеќе од 29 милиони евра.
Секој натпреварувач може да трча каде што ќе посака, без разлика на локацијата или површината на која се трча. Сè што е важно е тркачот да ја има Wings For Life iOS или Android апликацијата, да ја одбере опцијата "Run on your own, wherever you are!" и да го има својот паметен телефон со себе за време на трката.
Тркачите можат да одлучат да трчаат соло или во тим. Единствената разлика помеѓу овие две опции е тоа што тимот може да постави групен таргет за истрчана дистанца и донирани средства кои ќе „ги брка" оваа година. А доколку некој сака да придонесе, но не се чувствува подготвен да трча – може да донира без да трча или да подари некому ваучер за трчање.