Зоран Кастратовиќ од денес е нов шеф на стручниот штаб на Тинекс Пролет.
– Искусниот стратег потпиша договор со нашиот клуб до крајот на сезонава, со можност за продолжување на соработката за најмалку уште една година. Кастратовиќ доаѓа на оваа функција на местото на Никола Матлиевски, со кого денеска беше спогодбено прекината соработката, објави Пролет на својата веб-страница.
Пред новиот стратег е остварување на зацртаната цел од стартот на сезонава – пласман на едно од првите четири места во плејофот и обезбедување на учество во европските купови за 2021/2022.
Кастратовиќ кој во кариерата ги има водено Вардар и Металург, имаше успешен ангажман и во катарскиот Ал Џаиш, а извесен период мина и како селектор на Црна Гора. Последен ангажман му беше на клупата на Металург, тим со кој успеа да обезбеди влез во групната фаза од Лигата на Европа.
– Мило ми е што повторно ќе работам во квалитетен тим од македонскиот шампионат. Запознаен сум со квалитетите на Тинекс Пролет, верувам дека овој состав има потенцијал за да оствари добри резултати до крајот на сезонава. До крајот на сезонава имаме уште шест средби, а само со заедничка работа и максимална ангажираност можеме да стигнеме до она што сите го посакуваме – Тинекс Пролет да излезе во ракометна Европа. Благодарност до управата на клубот и верувам дека ќе ја оправдам нивната доверба и ќе им помогнам во остварувањето на зацртаната цел, изјави Кастратовиќ.