Екипата на Вардар 1961, во драстично ослабен состав, претрпе вечерва висок пораз на гостувањето против Војводина од 33:24 (16:10) во натпревар од последното, шесто, коло во групната фаза во регионалната ракометна СЕХА лига.
Вардар не можеше да му пружи достоен отпор на противникот, откако поради репрезентативни обврски во тимот недостасуваа девет ракометари, а дополнително во Скопје останаa и Ристовски и Димитриоски. Поради проблемите околу составот првпат сезонава во СЕХА лигата во „црвено – црниот“ дрес беа повикани шестмина кадети.
Најефикасни во редовите на Вардар беа Дибиров со девет и Калараш со седум погодоци. Вардар ги заврши натпреварите во групата Б на третото место, со ефект од три победи и исто толку порази, и во осминафиналето ќе се соочи со тимот на Металопластика.