На територијата на општина Сопиште поставени се 400 жолти канти од 120 литри наменети за одложување на пластика и лименки, донација на „Пакомак“.

– Со тоа жителите на Сопиште имаат значајно подобри услови за селективно одложување на пластичниот отпад и лименките, додека општината добива можност да го потврди својот статус на општина која се грижи за животната средина – информираат од Општина Сопиште.

Проектот, како што информира Општината, првично започна во населеното место Сопиште, а ќе продолжи и во другите населени места на општината.

– Проектот предвидува делење на дополнителна канта во жолта боја од 120 литри на секој корисник на ЈКП Сопиште каде ќе се селектира пластиката и истата ќе биде подигната од страна на ЈКП Сопиште. Истовремено со цел да се мотивираат жителите, за секоја успешна година на селекција, секој корисник на ЈКП Сопиште ќе добие една платена сметка кон ЈКП Сопиште – се вели во соопштението.

Градоначалникот на Општина Сопиште, Стефче Трпковски посочи дека е од голема важност отпадот селективно да се одложува, а потоа да се рециклира, со цел помал дел од него да заврши на депонија.

Тој истакна дека ќе се намалат и трошоците на Општината, бидејќи ќе се намали количината на отпадот, што сега се депонира на „Дрисла“.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/04/2021 12:24