„Промени животи” е новата кампања со која ЈП „Водовод и Канализација“ – Скопје, преку достава на повик за донации заедно со сметките за месец април во печатена и електронска форма, продолжува со поддршка на мисијата на СОС Детско село.

По потпишување на Меморандумот за соработка во март 2020, ЈП Водовод и канализација – Скопје, ја поддржа иницијативата на СОС Детско село, „Стани СОС пријател”, донаторски кампањи за индивидуално донаторство и други активности во знак на поддршка и ширење на мисијата на СОС Детско село. Оттаму споделуваат дека се горди на досегашните достигнувања.

– Чест ни е што продолжуваме и понатаму да создаваме успешни приказни со кои се менуваат животи. ЈП Водовод и канализација – Скопје е првото јавно претпријатие кое пристапи кон поддршка на иницијативи од овој тип, но поголемо е задоволството дека не останавме единствени. Ја поздравувам одлуката на ЈКП Дервен – Велес да се приклучи кон поддршка на мисијата на СОС Детско село и ги повикувам сите други општествено одговорни компании и индивидуалци да го следат нашиот пример и да ја дадат својата поддршка за децата и младите без родители и родителска грижа поддржани од СОС Детско село“ – истакна Душко Весковски, генерален директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје, стои во соопштението.

Јулијана Накова Гапо, Национален директор на СОС Детско село ја искажа својата благодарност за соработката со ЈП Водовод и канализација – Скопје, истакнувајќи ја важноста на работата на СОС Детско село и потребата од поддршка од сите општестевено одговорно индивидулаци и компании.

– Неизмерно сме благодарни на ЈП Водовод и канализација – Скопје што веќе втора година ја препознава важноста на нашата работа и потребата од поддршка за остварување на нашата мисија. Мисија која се одвива во континуитет, која не може да застане, да престане, да се откаже и која е невозможна без нашите пријатели, партнери, соработници и донатори. Им благодарам и на нашите нови пријатели од ЈКП Дервен Велес кои се приклучија кон донаторската кампањата и верувам дека ова е вистински начин сите заедно да ја пренесеме пораката за грижа на заедницата во секој домен од нашето делување. истакна Гапо, стои во соопштението.

Од ЈКП Дервен – Велес велат дека без размислување се приклучиле кон оваа благородна мисија.

– Ни претставува чест и ние да бидеме дел од оваа хуманитарна донаторска кампања каде заедно со нашите корисници ќе помогнеме на децата и младите без родители и родителска грижа поддржани од СОС Детско село, посочи Тони Јовиќ, директор на ЈКП Дервен – Велес, стои во соопштението.

Од ЈП „Водовод и Канализација“ – Скопје велат дека продолжуваат со спроведување на активности за поддршка на мисијата на СОС Детско село во насока на поттикнување на индивидуалната филантропија и индивидуалното посветено донаторство.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/04/2021 14:23