Голема материјална штета предизвикал пожарот што ноќеска избувнал во ловечката куќа во месноста Пашаџиково на падините на Осоговските Планини, при што целосно ја оштетил кровната конструкција, а се проширил и на горниот кат.
За пожарот во објектот, чиј сопственик е ЈП „Национални шуми“, била известена Територијалната противпожарна единица од Кочани која интервенирала со четири противпожарни возила и осум пожарникари.
-Целосно е изгорена кровната конструкција на објектот кој датира од 1934 година. Со оглед што се работи за стар објект, по кровот нема бетонска плоча, дрвени греди, поради што огнот се проширил и на катот. Поради намената и карактеристичното уредување, поголем дел од внатрешноста на куќата е од дрвен материјал, што придонесе за брзо ширење на пожарот. Морам да кажам дека пожарникарите работеа во исклучително тешки услови и по неколкучасовна интервенција огнот беше локализиран, истакна Благој Паунов, командир на ТППЕ – Кочани.