На 19.05.2021 година, од 09:00 до 17:00 часот, во спортската сала на ООУ „Лазо Трповски“ ќе се одржи крводарителска акција, во организација на Општина Карпош и Институтот за трансфузиона медицина и Црвен крст – Скопје.
Единици крв ќе донира општинската администрација на Карпош, вработени од детските градинки и основните училишта, а овој пат, акцијата ќе има и јавен карактер.
Заради недостатокот на крв, за тековно лекување на пациенти, постои потреба од повеќе крвни единици. Затоа ги повикуваме сите заинтересирани граѓани кои можат и сакаат да ја покажат својата хуманост, да се пријават за дарување на kontakt@karpos.gov.mk (со име/презиме и телефон).
Сите заинтересирани граѓани ќе бидат контактирани, затоа што акцијата ќе се спроведува по соодветниот протокол за заштита на граѓаните од КОВИД – 19. Ги известуваме граѓаните кои примиле вакцина за заштита од КОВИД – 19, исто така, можат да даруваат крв со почитување на следните правила:
Ако вакцините се базираат на mRNA технологија (Pfizer/BioNTech, Moderna, CureVac): Се одложува дарувањето за 48 часа по вакцинирањето поради можна појава на локални симптоми на местото на аплицирање на вакцината (болка, црвенило, чешање, оток).
Одложување на дарувањето за 7 дена од прекин на симптомите во случај на несакани ефекти од вакцината (замор, главоболка, болки во мускулите, болки во зглобовите, треска, гадење, лимфаденопатија).
Ако вакцините се базираат на технологија на аденовирусен вектор (AstraZeneca/ Oxford, Johnson и Johnson/Јansen, Sputnik V): одложувањето на дарувањето е 4 недели по вакцинацијата.
Ако лицата не знаат со која вакцина биле вакцинирани : дарувањето се одлага за 4 недели по вакцинацијата.