Кумановското обвинителство поведе постапка против 37-годишна жителка на Куманово, осомничена дека го сторила кривичното дело „неовлстено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
При извршен претрес во домот на осомничената на 4 мај 2021 година, соопштија денеска од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија, овластените службени лица пронашле 11,53 грама хероин и едно пакување кокаин од 0,85 грама.
– Осомничената неовластено заради продажба ја набавила наркотичната дрога. Хероинот го препакувала до одделни шест мали најлонски пакувања и ги криела во спалната соба, стои во соопштението.
Јавниот обвинител кој постапува во предметот, до судијата на претходна постапка при Основниот суд Куманово поднел предлог за определување на мерка куќен притвор за осомничената поради постоење на опасност од бегство и повторување на кривичното дело. Предлогот на обвинителството бил прифатен и судот на осомничената и определил куќен притвор во траење од 30 дена.