-Ние немаме деловен однос со скопската фирма преку која е набавена противпожарната скала „Армор плус“. Градските пари не се прелеваат на сметката на „Армор плус“, и оттука не постои конфликт на интереси-изјави денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Тој на брифингот со новинари во врска со набавката на противпожарната скала, посочи дека фирмата „Армор плус“ има добиено само два договора за противпожарната опрема, од вкупно 20 постапки и јавни набавки за потребите на Противпожарната бригада, во последните три години.

Градоначалникот појасни дека Градот како институција нема многу избор за фирми кои на пазарот работат со ваква специјална опрема, поточно во државата постојат само четири такви.

Тој посочи дека постапката за набавка на противпожарна скала е почната уште во 2017 година, изгласана е на Совет, а ниту еден од советниците не гласал против. -Ние за скалата плативме 20 отсто аванс при склучување на договорот, остатокот ќе се плаќа на четири- пет месечни рати откако ќе се испорача скалата-објасни Шилегов.

Тој додаде дека испораката на скалата се очекува да биде некаде на крајот на мај или на почетокот на јуни. Се прават напори да стигне до 20 мај.

-Ние немаме деловен однос ниту со српската фирма посочена како одржувач и сервисер, ниту со скопската фирма. Градските пари не се прелеваат на сметката на „Армор плус“, и оттука не постои конфликт на интереси-потенцира Шилегов, откако од опозицијата денеска обвинија за нелегална набавка на возилото.

Инаку, како што рече, ова е прв вид на една ваква опрема во историја на државата. Противпожарната скала е наменета и за технички интервенции и за тешки сообраќајни несреќи.

Шилегов додаде дека не е во прашање само скала, туку во прашање е сериозен квалитет на цела опрема која може да биде употребена и при други интервенции.

-Лоша вест која се уште е актуелна е дека секој кој живее на петти кат не може да му се помогне во случај на пожар, барем не на начин соодветен на Противпожарна бригада. Но, оваа наша опрема е опрема која ќе остане и во наредните 30 години-заклучи Шилегов.

Во однос на споредбата на новата противпожарна скала во Загреб, Шилегов рече во Загреб станува збор за петта или шеста скала по ред, не дека не знае каков тип на опрема имаат претходните скали.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/05/2021 17:38