Музејот на Република Македонија го одбележува Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа – 9 мај со промоција на изложбата „На Срем“, која е посветена на борците од Македонија кои учествуваа во завршните операции за победа над фашизмот.

На изложбата ќе бидат прикажани над 120 фотографии, селектирани од богатата фото документација зачувана во Музејот, низ слика и текст. Изложбата го следи борбениот пат на македонските единици, офицери и борци и нивните премрежја на Сремскиот фронт и во завршните операции за ослободување на Југославија и за победа над фашизмот, во последните месеци од Втората светска војна.

Од Музејот посочуваат дека на овој начин уште еднаш се навраќаме на споменот на овие настани, а се истакнува и придонесот на нивните учесници во крајот на војната, како значаен македонски придонес во заедничката ослободителна и антифашистичка борба.

Изложбата ќе може да се погледне во дигитална форма преку електронската платформа „izlozba.mk“, на која исто така ќе можат да се проследат и тековните и идни изложби на Музејот.

Истовремено, од Музејот информираат дека се одвиваат и завршните подготовки за инсталација на изложбата во живо, која, почнувајќи од 18 мај, заинтересираните посетители ќе можат да ја погледнат и со нивното физичко присуство.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/05/2021 14:21