Комичарот Сет Роген соопшти дека во овој миг не планира повторно да работи со Џејмс Франко, откако вториов глумец беше обвинет за сексуално вознемирување. Во интервју за „Сандеј тајмс“, Роген ги отфрли и тврдењата на глумицата Шарлин Ји дека тој го прикривал несоодветното однесување на Франко.

– Сè што можам да кажам е дека презирам злоупотреба и вознемирување и дека никогаш не би прикривал постапки на некој што го прави тоа, ниту пак, некогаш би се ставил во ситуација да бидам покрај некој таков, рече Роген.

Иако во интервју во 2018 година рече дека ќе продолжи да работи со Франко, денес тој има поинакво мислење.

– Не сум (соработувал со него оттогаш) и не планирам такво нешто во овој миг!, нагласи комичарот.

Тој додаде дека прекинувањето на професионалната соработка со Франко не е случајно и оти обвинувањата за сексуално вознемирување негативно влијаеле на нивното пријателство. Во 2018 година, пет жени го обвинија Џејмс Франко за сексуално вознемирување, што актерот упорно го негираше. Во меѓувреме, тој склучи судска спогодба со две жени.

Роген и Франко беа еден од најпознатите комични тандеми во Холивуд. Почнаа да работат заедно како тинејџери во сериите „Изроди и чудаци“, по што следуваа успешни филмски комедии како „Ананас експрес“, „Апокалипса во Холивуд“ и „Катастрофален уметник“.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/05/2021 11:24