Принцот Хари изјави дека сака „да го прекине кругот на болка и страдање“ од неговото растење и да не им го пренесува на сопствените деца.

– Не мислам дека треба да покажеме со прст и да обвинуваме некого. Но, секако, кога станува збор за родителството, ако доживеав некаква болка или страдање поради болката и страдањето што можеби го претрпеле мојот татко или моите родители, јас ќе се погрижам да го скршам тој синџир и да не го пренесам тоа натаму, рече Хари во интернет-емисијата „АРМЦ хејр експерт“.

Принцот Хари, кој сега чека ќерка со својата сопруга Меган и кој веќе е татко на нивниот син Арчи, го опиша неговиот живот како „спој од ’Шоуто на Труман‘ и изложеност во зоолошка градина“, имајќи предвид дека јавноста секогаш го следи секое негово движење и секоја постапка.

– Има многу генетска болка и страдање што се пренесува, во секој случај, така што ние како родители треба да сториме најмногу што можеме за да се обидеме да кажеме: „Знаете што? Ми се случи тоа мене, но ќе се погрижам да не ви се случи истото и вам“!, нагласи принцот.

Во врска со преселувањето на неговото семејство во САД, тој повтори дека „понекогаш мора да се решите и да го ставите семејството на прво место“, како и психичкото здравје. Зборувајќи за животот во Лос Анџелес, Калифорнија, тој вели дека сега се чувствува поинаку, затоа што може да се движи послободно.

– Јас сега можам да го ставам Арчи на задниот дел од мојот велосипед, што никогаш не би имал можност да го сторам (во Лондон), рече Хари.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/05/2021 15:55