Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, најави продолжување на активностите за отстранување на бесправно изградените објекти и урбана опрема на плажите на Охридското Езеро.

Тој посочи на владината одлука со која се задолжува ЈП „Македонски пат” да отстапи дел од својата механизација за потребите на Општина Охрид во справувањето со дивоградбите и нелегално поставената опрема на крајбрежјето.

Притоа Георгиески ги отфрла обвинувањата на одреден дел поранешни концесионери дека се постапува селективно.

– Уривањето на дивоградбите се врши неселективно и согласно одредена динамика. Сите објекти од плажите на кои се истечени договорите за концесија ќе бидат отстранети. Работиме на терен, оваа седмица ќе стигне дополнителна механизација, обезбедни се и дополнителни три милиони денари за уредување на плажите така што очекувам до 15-20 јуни да биде завршено, изјави Георгиески. Тој појасни дека се работи за објекти на плажите што биле издавани под концесиски договори, а на кои им се истечени договорите.

– На сите нив им се изминати договорите, истите не се продолжени, а им се дадени решенија за остранување. Никој од нив ова лето не смее да продолжи да обавува каква било дејност затоа што на тој начин се врши узурпација на државно земјиште, стекнување на противправна имотна корист, што ние како Општина нема да го дозволиме, рече Георгиески.

По однос новиот Закон за легализација што не беше парафиран од Претседателот на државата, градоначалникот на Охрид повтори дека тој не го опфаќа Охридскиот регион така што, според Георгиески, неговото донесување или недонесување не менува ништо кога е во прашање Охрид и околината.

Општина Охрид после Велигденските и Првомајските празници ги продолжи активностите за отстранување на бесправно изградените објекти и урбана опрема на плажите на Охридското Езеро. Притоа со механизација се отрануваше урбана опрема на потегот од крајбрежјето после хотелот „Метропол” кон Лагадин



Автор: Администратор
Објавено на: 18/05/2021 14:15