Преку стратегија за родовата еднаквост во општината, Општина Аеродром ќе ги руши стереотипите и ќе даде можност за промоција на мажи во женски професии и обратно. Стратегијата „Општина Аеродром – најдобро, најквалитетно, наједнакво место за живеење на мажите и жените“, е базирана на докази и истражувања во однос на родовата еднаквоста и е тема на дискусија на дводвневната работилница на дел од општинската администрација и експерти, што се одржува во Струга.
Марија Ристеска, извршна директорка на Центарот за извршување и креирање политика и консултант во UN Women кои ја поддржуваат изработката на стратегијата преку менторската програма за родово одговорно буџетирање, забележа дека во општина Аеродром има многу повеќе вработени жени, кои предничат во секторите за грижа на деца и во образованието
-Врз основа на направеното истражување во принцип имаме многу повеќе жени вработени, но се забележува една родова сегрегација по сектори. Имаме повеќе жени во секторите за грижа за деца и образование, што е врзана со нивната родова улога на мајка за грижа за децата и одразува една институционализирана стереотипизација на жената и нејзината професионална определба, која Општината би сакала да ја надмине. Стратегијата има активности, кои ќе промовираат разбивање на тие стереотипи и промовирање на мажи во женски професии и обратно, истакна Ристеска.
Жените, смета, дека потешко доаѓаат на раководни функции и доживуваат т.н. стаклен плафон, кој тешко го надминуваат покрај квалификациите, работен стаж и слично. Тоа би сакале да го надминеме со севкупна промена на начинот на носење одлуки во Општината. Не ни е битно само вклучувањето на жените во носењето одлуки, туку битно е и вклучувањето на женската перспектива во сите одлуки што ги носи општината и услугите што ги разива и достаува до граѓаните за да одговараат на потребите на жените, кои се различни заради родовите улоги, нагласи Ристеска.
Како пример го посочи дефицитот на пазарот на трудот од мажи негователи во градинките, што со примена на афирмативни мерки очекува дека ќе се промени.
Општина Аеродром е една од малкуте општини што има негуватели мажи во градинките, но со воведување афирмативни мерки при вработување, каде би се преферирале мажи негуватели, сметаме дека ќе се поттикне повеќе мажи да се запишуваат на педагошките факултети и да одберат студии за предшколска возраст, а општината да го подобри балансот во секторот нега. Со тоа општината ќе ја промовираме како место, кое дава можности за вработување мажи во немашки професии, истакна Ристеска.
Михаела Иванова, учесник на работилницата од општинската администрација на Општина Аеродром смета дека за да се променат перцепциите за родова еднаквост треба да тргнеме од сами себе со рушење на стереотипите во секојдневието.
-Треба да тргнеме од себе. Да пристапиме во секојдневниот живот да ги рушиме стереотипите. Ако не почнеме од себе, ако јас сама не го применувам тоа, џабе се залагаме. Никогаш нема да имаме ефект, вели Иванова
Стратегијата за родова еднаквост, според Александар Ѓорѓиевски, раководител на сектор за работи на градоначалникот на Општина Аеродром е дел од изработката на стратегија за локален и економски развој на Општината, која првпат се изработува во државата на европски начин.
-Ние се определивме стратегијата да биде оформена со четири подпрограми: екологија и животна средина, енергетска ефикасност, смарт начин на живеење и урбанизирање на просторот, пресликување на квалитетните европски вредности и ставови во кои спаѓа и родовата еднаквост, како и руралниот развој на кој ќе биде посветена нашата наредна работилница, појасни Ѓорѓиевски.