Младите кик-боксери од Кик-боксинг клубот „Ас“ од Делчево кои на Европскиот куп што се одржа во Србија, освоија повеќе медали добија признание од градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски кој организираше свечен прием во нивна чест. Оддавајќи им признание за спортските успесиТрајковски го потенцираше значењето на постигнатите резултати на младите кик-боксери и нивниот придонес кон развојот на спортот и натпреварувачкиот дух кај младите во Делчево.

– Секогаш сме горди на спортските успеси на младите спортисти во Делчево, бидејќи тие го запишуваат Делчево на листата градови каде се негуваат спортски таленти, а кик-боксот има квалитетна и долга традиција. Сите овие медали се поттик повеќе за поддршка на младите спортисти кои не само што придонесуваат за развој на индивидуалниот и колективниот спорт во Делчево, туку и спортот да се наметне како начин на живот на младите во нашиот град, рече Трајковски.

Нивниот тренер и спортски судија, Љупчо Стојчевски, изрази задоволство од поддршката која ја добиваат од Општина Делчево истакнувајќи дека овие двајца млади кик-боксери и постигнале извонреден успех, а делчевскиот клуб е рангиран на престижното 20-то место на европската листа од 100 клубови.

На Европскиот куп во Србија, Павел Стојчевски освои злато во поинт-фајт за постари кадети (-52 кг), а Дилан Ивановски во јуниори (-63 кг). Освен двата трофеи Дилан Ивановски освои и бронзен медал во дисциплината јуниор кик-лајт (-57кг).



Автор: Администратор
Објавено на: 27/05/2021 13:26