Во 6. коло на Отвореното првенство на Македонија во шах на првата табла, ИМ Тони Лазов (2358) ги имаше црните фигури во дуелот со водечкиот ИМ Емил Ристески (2365), но оваа партија заврши со поделба на поенот, за разлика од другите четири дуели на следните неколку табли, во кои настапуваа оние кои се на врвот на табелата.

ИМ Филип Панчевски (2432) со бели фигури го надигра Георги Петров (2088) на втората табла, додека, пак, најголемо изненадување направи ФМ Андреј Велјаноски (2290) со победата над ИМ Никола Николовски (2381).

Неизвесноста во борбата за титулата останува бидејќи сега на врвот се четворица шахисти кои имаат по 5 бода (Ристески, Панчевски, Велјаноски и Златков), додека, пак, зад нив со 4,5 бода има тројца играчи (Лазов, Велески и Главинац).

На турнирот кај шахистките, исто така, се играше 6. коло, но според Бергеровиот систем, а во него се случи и дуелот на двете шахистки кои имаа највисок стартен рејтинг: Драгана Николовска (1905) и ЖИМ Габриела Коскоска (1993). Партијата заврши со реми по четири часа игра.

Леа Ефтовска (1797) со нова победа над Кајла Бурнс (1446) стигна до 5,5 поени, додека, пак, Коскоска сега има 5 и го дели второто место со Жежовска (1868).

Во седмото коло од овој турнир ќе се игра и дерби-мечот за титулата, во кој ЖИМ Коскоска ќе ги има белите фигури против Ефтовска.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/05/2024 18:02