Училиштата ширум светот користат партиципативно буџетирање за да ги ангажираат учениците, родителите и вработените во одлучувањето како да потрошат дел од училишниот буџет според потребите на учениците, водејќи се според европските стандарди за создавање квалитетен начин на живот. Практикувајќи го ова „револуционерно граѓанско дело во акција“, учесниците се учат на демократските процеси и начините како да бидат ангажирани и активни во едно општество“, изјави Снежана Јанковиќ, претставник од Прв скопски извиднички одред, на денешната прва јавна расправа во Младинскиот центар – Матично на тема „Зголемување на младинското учество во процесите на донесување одлуки на локално ниво“.
На Јавната расправа се дискутираше на теми за зголемување на младинското учество во процесите на донесување одлуки на локално ниво, беа презентирани примери од успешни практики од формалното и неформалното образование што се важен показател за натамошното креирање нови програмски активности и унапредување на положбата на младите во општеството.
Настанот е дел од проектот „Поддршка на изборните реформи“ на Швајцарската агенција за развој и соработка, а го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во партнерство со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).
На настанот присуствуваа и градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ, Владимир Костовски од Сојуз на извидници на Македонија, Никола Нешковски од Еко Лоџик, Скопје, младински активисти, претставници од општинските основни училишта и членови од училишните парламенти во општина Центар.
-Горд сум што Центар е општина со свој младински центар и што ја исполни оваа обврска предвидена во Законот за младинско учество и младински политики. Симболично го задржавме името „Матично“, како матична локација на младите и простор каде што ќе можат секојдневно да се дружат, дебатираат и едуцираат, истакна Богдановиќ.
Градоначалникот посочи дека Младинскиот центар отвора нови предизвици и можности за младите кои ќе бидат во чекор со европските практики и преку заеднички активности ќе ги имплементираат и на локално ниво, што ќе помогне во градење на прогресивна и самосвесна младина.
Канцеларијата за млади, што се отвори во рамки на Младинскиот центар има за цел да ги спроведе програмите и политиките за младите во Центар, за што е задолжен младински службеник.
Програмата за 2021 година предвидува стратегија за меѓуетничка интеграција во образованието и младинското учество во соработка со основните училишта, ангажирање експерти и менторска поддршка од Македонскиот центар за граѓанско образование, работни посети и дискусии со претставници од Град Скопје.
Претставниците од младинските организации презентираа нов предлог-концепт за партиципативно буџетирање што претставува важна компонента што може да се имплементира во основните училишта и да претставува нова стратегија за активно учење на децата и на младите. Буџетот на Општина Центар за 2021 година предвидува 300.000 денари за програмски активности за Младинскиот центар – Матично.