Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов на денешната прес-конференција посочи дека планот за пешачка зона низ „Рекорд” детално ќе биде објавен кога ќе биде подготвен за во јавност. Шилегов во одговор на новинарско прашање посочи дека се работат сите анализи и студии со цел да се види какви имплементации ќе има.
– Јас кажав пред повеќе од две години дека амбициите на Градот и тоа што всушност претставува градско јадро во сите современи европски метрополи ќе личи и во нашиот град. Тоа што треба да го знаеме е дека ќе оди паралелно со имплементацијата на басрапид транзитот, односно во тој момент кога ќе се изведе и ќе се преструктуира таа улица од сообраќајница во пешачка зона и е нешто што како стандард постои насекаде во светот, истакна градоначалникот Шилегов.
Тој додаде дека очекува да се започне и со работа на тунелот под Лимак, како и дека воведувањето на „басрапид транзитот” сериозно ќе го смени начинот и навиките на луѓето во Скопје.
– Скопје е единствен град во Европа што има силвер лајн по сите квалификации, сите други градови се под него. Се работи за најатрактивен јавен транспорт во Европа, со што 30,4 минути со 21 застанување ќе биде релацијата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, истакна Шилегов.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев во одговор на новинарското прашање поврзано со улицата што води кон детската болница „Козле” која треба да се реконструира, истакна дека има договор за меѓуопштинска соработка со Град Скопје и очекува да започне со работа во скоро време.
– Претпоставувам дека прво ќе има тендер и потоа ќе се изведува, градежната сезона започнува во мај и очекуваме да биде комплетно завршена до лето. Таа улица е узгорница и има потпорен ѕид, што како дел од проектот и меѓуопштинската соработка е вклучена и санација на ѕидот, од кој течат води, а доколку не се санираат кога се прави улицата ќе навлезат под асфалтот и во зимскиот период ќе замрзнуваат и ќе го уништат, додаде Богоев.