Ученици од ООУ „Лазо Трповски“ освоија награда на Меѓународниот училиштен натпревар за воздушен и вселенски сообраќај 2021 кој традиционално се одржува во Берлин, Германија.

Заедничкиот проект на петмината ученици од 3в одделение, Андреј Андоновски, Јана Блажева, Андреј Новевски, Георгина Стојанова и Максим Станоев, „Вселенски летала“ беше координиран од двајца наставници во својство на ментори Розета Сугарева и Стефан Симовски. Проектот на третоодделенците успешно ја помина прелиминарната фаза, влезе помеѓу најдобрите проекти на натпреварот и освои награда.

Натпреварот го организира Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин во соработка со Сојузното министерство за економија и енергија на Германија, Сојузното министерство за образование и истражување на Германија, Луфтханза Техник АД, концернот ЕАДС (во чиј склоп влегува и познатиот производител на патнички авиони Ербас) и концернот КРАЈСЛЕР. Конечната одлука во врска со наградите на овој екипен меѓународен натпревар за ученици од трето и четврто одделение ја донесе деветчлено стручно жири.

Во името на деветчленото стручно жири на наградените ученици од ООУ „Лазо Трповски“ им се обрати раководителот на натпреварот Ридигер Штајн.

-Ви благодарам за прекрасниот проект. Не тагувајте што не стоите највисоко на пиедесталот, но и вие сте меѓу наградените на натпреварот. Радувајте се, освоивте награда! Наградени сте затоа што вашиот проект е фантастичен, затоа што се забавувавте додека го работевте и затоа што сте одлични тимски играчи. Вашата награда е летачки трофеј и диплома за секого од вас. Се надевам дека учеството на натпреварот ви беше толку забавно како што му беше и на стручното жири кога го оценуваше вашиот проект, рече Штајн, соопштија од училиштето „Лазо Трповски“.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/06/2021 13:52