Со победа над екипата на ракометниот клуб „Текстилец“ од 25:20, ракометарите на РК „Делчево“ го завршија натпреварувањето во Првата лига и „плеј-аут“ разигрувањето каде на крај од сезоната завршија на втората позиција на табелата. Овој пласман за екипата значи дека делчевските ракометари обезбедија сигурен пласман во второто по квалитет натпреварување во машки ракомет и во следната сезона за која како што истакна тренерот Гоце Стоиловски ќе биде потребна и помошта од спонзорите.
-Кога ќе сумираме се комплет од почетокот на сезоната до крај, со тоа што располагавме резултатите се повеќе од добри. Секој пат можеме подобро и се надеваме дека доколку се јават спонзори да не поддржат, бидејќи оваа сезона беше слабо во тој поглед, можеме да направиме и подобар резултат, рече Стоиловски.
Според него, самиот факт што ракометарите од Делчево на табелата завршија пред екипи со традиција покажува дека сезоната била повеќе од добра.
-Табелата е завршена со оваа победа ние сме втори во плеј-аут разигрувањето, веднаш после екипата на Преспа. Зад нас се Ѓорче Петров, Кичево, Партизан Гевгелија, Борец Велес значи екипи со традиција што покажува дека можеме и со многу повеќе сила и многу повеќе можности ако во иднина бидеме во можност тоа и да го покажеме, додаде Стоиловски.
Најдобар играч на денешниот натпревар беше Гоце Ѓорѓиевски кој заедно со Мирче Ѓорѓиев беа мотор на екипата во плеј-аут разигрувањето, но колективната игра беше клучниот фактор што делчевци го постигнаа посакуваниот пласман во ова натпреварување.