Македонскиот ракометен прволигаш Еурофарм Пелистер го продолжи за следната сезона договорот со босанскиот ракометен репрезентативец Елмир Граџан.
– Еурофарм Пелистер постигна согласност за продолжување на договорот со Елмир Граџан за уште една сезона и интернационалецот од Босна и Херцеговина ќе го носи дресот на нашиот клуб и во сезоната 2021/22, соопшти денеска битолската екипа.
– Влегувам во петтата година во Битола. Задоволен сум од градот, луѓето многу добро ме прифатија, како и во клубот. Очекувам следната сезона да бидеме поуспешни и да донесеме титули во Битола, изјави 27-годишниот Граџан за клупскиот сајт. Претходно, Еурофарм Пелистер ги засили своите редови за следната сезона со Марио Кизиќ, Немања Обрадовиќ, Јосип Божиќ Павлетиќ и Реиние Табоада, а клубот го напушти капитенот и голман Градимир Чаневски.