Упорност, дисциплина, постојано надоградување се причините за успехот на младата ракометарка Александра Боризовска од Куманово. Таа е една од најдобрите спортисти во градот, за што сведочат бројните трофеи, награди, признанија кои ги освојува во својата спортска кариера. Боризовска е капитен на најстариот женски ракометен клуб во државата, ракометниот клуб Куманово кој постои повеќе од 90 години.

– Од самиот почеток, па до ден денес настапувам за ЖРК Куманово. Настапувам на централна позиција, а воедно сум и капитен во екипата. Како капитен носам голема одговорност, треба да имам добра комуникација со сите играчи и со тренерите, како на теренот така и надвор од него. Претходната година за жал, поради Ковид 19 немавме можност да го завршиме првенството. Оваа година имаме историски успех, во ракометот и воопшто во спортот во градот Куманово со освоено првенство и куп на Македонија. Запишавме еден историски успех за овој град и навистина сум презадоволна и горда на девојките, тренерите и им благодарам на сите кои помогнаа за да ја оствариме оваа цел-вели Боризовска.

Покрај, колективните успеси со соиграчите, меѓу кои освоен куп на Македонија 2019 година, освено првенство и Куп на Македонија 2020/21 година, Боризовска има и бројни индивидуални признанија, кои ѝ претставуваат поттик за себевложување и надградување. На ниво на Куманово, неколку пати е прогласена за најдобар спортист, во 2009 и 2011 за најдобар млад спортист, три години по ред за најдобра ракометарка, 2016, 2017, 2018 и во 2019 е една од најдобрите десет спортисти во градот.

– Исто така настапувам и за националниот дрес, веќе четврта година по ред од 2017. Следната година 2022 Македонија заедно со Словенија и Црна Гора е домаќин на Европско првенство ракомет жени. Ова претставува значаен момент за женскиот ракомет на Македонија и треба максимално да го искористиме. Ова за мене претставува огромен мотив, бидејќи досега немам настапувано на еден таков значаен настан, вели Боризовска.

Иако е навистина успешна во ракометот, овој спорт не бил избор за Боризовска. Таа првин почнала да тренира кошарка, но тоа траело кратко, бидејќи немало женска екипа.

– Иницијатор да почнам да тренирам ракомет беше мојот професор по физичко образование Синиша Филиповски па така на 12-годишна возраст влегов во водите на ракометот. На самиот почеток ракометот воопшто не ме привлекуваше, но по извесно време се пронајдов во овој спорт, ме привлече динамичната игра и еве повеќе од една деценија сум активна, раскажува ракометарката.

За неа, успехот воопшто во спортот и ракометот, бараат жртва, посветеност, секојдневни тренинзи и се разбира според неа, најважниот фактор дисциплина. Благодарна е и на поддршката од нејзиното семејство.

– Ние спортистите секојдневно сме изложени на физички напор, но освен тоа ние градиме и карактер. Се радуваме на победите, но неизбежни се и поразите кои треба да претставуваат лекција и поттик за уште поголема работа и надоградување. Спортот е колективна игра, играчите треба да се насочени едни кон други, заедно со тренерите. Во екипата сите заедно треба да имаме иста цел, да се бориме да ја оствариме, да го сакаме и да веруваме во тоа што го работиме. Во еден тим треба да владее хармонија, дисциплина и се разбира желба за победа, вели Боризовска.

По завршувањето на сезоната во ЖРК Куманово е слободен играч, засега има неколку понуди но сè уште размислува за нив, надевајќи дека ќе направи добар избор. За крај, Боризовска вели дека и во иднина ќе се води по мотото да се сака тоа што се работи, да се дава максимум и да се има верба во себе.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/06/2021 09:45