Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, вчера им додели 35 сертификати на учениците што беа дел од проектот „Интегрирано пливање за децата со попреченост од основните училишта“.
Аеродром е прва општина што го воведе овој проект за помош и поддршка на ученици со посебни образовни потреби на возраст од прво до трето одделение, а со кој им се овозможија пливачки активности, но и дружење и социјализација во време на пандемија.
„Ми претставува огромна чест и задоволство што денеска им доделив сертификати на учениците што беа дел од овој проект. Наша мисија е да создаваме подобри услови за здрав и безбеден развој на нашите деца“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин.
Тој изрази и голема благодарност до професорот Иван Анастасовски и неговиот тим, кои го водеа проектот, како и до родителите што секогаш беа присутни и ги бодреа своите деца, кои постигнаа голем напредок.