Угостителските објекти имаат можност да се здобијат со национален „ЧИСТО И БЕЗБЕДНО“ и интернационален сертификат „SAFE TRAVELS“ со кои се верификува дека во нив во целост се спроведуваат, практикуваат и почитуваат националните и глобалните препораки за превенција и заштита од ширењето на пандемијата со Ковид-19.

На денешната презентација на сертификатите во Охрид беше појаснето дека станува збор за глобално признаени сертификати преку кои на домашните и странските гости им се гарантира поголема безбедност при посетата на тие објекти односно дека се води сметка и грижа за нивната сигурност и здравје при нивната посета и престој во македонските угостителски објекти.

Претседателот на Независната угостителска комора, Здравко Јосифовски, во оваа прилика истакна дека во принцип сите угостителски објекти се придржуваат на препораките и протоколите за работа кога станува збор за спречување на ширењето на заразата. Она што е дополнително при издавањето на сертификатите е што посебна Комисија на НУК врши верификација на примената на предвидените протоколи за работа, дали истите се соодветно применети или не.

– Тука не станува збор дали некои субјекти имаат право да работат или не. Постојат објекти во кои е многу инвестирано, но поради непочитување на протоколите тие објекти нема да ги добијат сертификатите. Комисијата ја врши контролата на лице место, а понатаму обврска и одговорност на сопствениците и менаџерите на угостителските објекти сите промени да ги усогласуваат со работењето односно во целост да ги применуваат протоколите за работа, рече тој.

Седум комори и здруженија се овластени за издавање на меѓународниот сертификат. Досега до НУК се пристигнати 55 апликации за добивање сертификат, а денеска Комората ги издава првите седум сертификати на угостителски објекти во Охрид.

– Можеби сертификатите немаат толкаво значење на локално ниво, но се и тоа како важни за туристи што доаѓаат од подалечни дестинации, а претпочитаат места каде би се чувствувале сигурно и безбедно и ќе можат да пријават евентуални проблеми и неправилности, рече Јосифовски.

Михаил Мишев, претседател на Здружението на угостители „Охридски еснаф“, рече дека мотивацијата на локалните угостители е Охрид со својата понуда и квалитативно да се издигне како главна туристичка дестинација во земјата.

–Овој сертификат што го предлагаме не е ништо друго туку изјава на сите сопственици на угостителски објекти дека се желни да работат согласно актуелните препораки за заштита од епидемијата. Пандемијата колку и неповолно да влијаеше врз работењето, ни послужи да се консолидираме и да почнеме квалитативно да размислуваме на поинаков начин. Императив е странските гости да знаат во каков објект влегуваат, дека тој е чист и безбеден и да немаат двојба во нивното одлучување кој објект ќе го посетат, рече Мишев.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/06/2021 15:01