Општина Пустец, традиционално, со низа активности го означува почетокот на туристичката сезона, презентрајќи ги природни убавини, културни богатства, македонските традиционални јадења, традиции и обичаи.

Како што информираа од општината, во рамки на отворањето на туристичката сезона а во соработка со Управата на заштитените подрачја Корча, на 7 мај ќе се организира активноста „Преспа фест“.

-На истата ќе бидат истакнати вредностите на културата, традицијата и кујната, со учество на фолклорни групи од Преспа и oд Македонија. Алтивноста ќе почне во 11 часот на плоштадот „Гоце Делчев“ во Пустец. Со задоволство упатуваме покана до сите кои сакаат да бидат дел од оваа активност, заедно да уживаме во убавините на природата, вкусовите на традиционалното готвење и фолклорот на преспанскиот крај, додаваат од општина Пустец.

Општина Пустец ја сочинуваат 9 села, распослани на брегот на Преспанското Езеро, кое му дава посебна убавина на овој крај. На туристите им нуди бројни културни, природни и археолошки добра, поради што, последните години станува се попримамлива дестинација.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/04/2024 23:51