Советот на Општина Кочани ќе расправа за граѓанската иницијатива за организирање референдум против изградбата на мала хидроцентрала на Мала Река кај браната Гратче откако ќе го добие стручното мислење од правните служби во локалната самоуправа.

Од општинската администрација потврдија дека здружението „Грин-орг-ко“ од Кочани доставило писмена иницијатива за референдум, но без потписи од граѓани и друга документација, а истата е препратена до претседателот на Советот.

– Бидејќи концесите за малите хидроцентрали ги доделува државата, а не општините, очекуваме стручно правно мислење за нашата надлежност околу референдумот. Неопходно е да се утврди бројот на потписи што треба да го обезбеди носителот на иницијативата, односно дали се работи за десет или дваесет отсто од вкупниот број жители во општината. На седницата што се одржа во март годинава, Советот се изјасни дека е против изградбата на ваков објект во сливот на Мала Река поради можните негативни последици за животната средина, а особено што локацијата влегува во заштитениот предел Осоговски Планини, истакна Томе Солевски, претседател на Советот на Општина Кочани.

Граѓанската иницијатива за организирање локален референдум доаѓа поради сомнежите дека воопшто се одржала јавна расправа пред Општина Кочани да издаде согласност во 2015 година за мини хидроцентралата. На овој начин ќе им се овозможи на граѓаните да го кажат сопствениот став, при што се очекува да се искористат правните постапки што веќе се покажале како успешни при негативните реакции за изградба на рудници во околината на Гевгелија и Валандово.

Минатата недела премиерот Зоран Заев изјави дека Владата размислува за повлекување на дел од концесиите и раскинување на договорите за изградба на мали хидроцентрали кај кои не се почитувани законските прописи, но без детали дали тоа се однесува и на објектот што треба да се гради кај браната Гратче.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/06/2021 15:49