Акцијата за отстранување на урбана опрема и илегални градби на плажите на источниот брег на Охридското Езеро продолжува. Викендот се отстрануваа градбите на плажите во близина на автокампот „Елешец“, а некои од поранешните концесионери на плажи самостојно ја острануваат опремата поставена изминатите години. Таков е случајот со поранешниот концесионер на плажата „Корали“, на крајбрежјето кај населбата Лагадин каде денеска се работи на враќање на плажата во првобитна состојба што беше предуслов при доделување на концесиите.

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески неодамна најави дека ќе бидат отстранети сите бесправно изградени објекти на плажите на кои им се истечени договорите за концесионирање. Од пред неколку дена механизација е распоредена и во близина на плажите после мостот на Студенчишкиот канал, поточно на локациите што се дел од Генералниот урбанистички план.

Од утрово исклучено е напојувањето со електрична енергија на плажите „Куба Либре“, „Кадмо“, „Бела Виста“, „Канео“ и „Потпеш“.

Георгиески неодамна истакна дека праксата за градење на бизниси на штета на општината, државата и светското природно и културно наследство мора да биде минато.

– Како што имам кажано и претходно, треба на сите да ни стане јасно дека ваков тип на урбанизација и користење на крајбрежјето во строго заштитените зони повеќе нема да има, рече Георгиески, повторувајќи ја посветеноста лично како градоначалник и на Општината за регулирање на состојбата, со забелешка дека освен препораките на УНЕСКО, зад таквите заложби на локалната самоуправа стојат законот, правото и прописите што задолжително мора да се почитуваат.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/06/2021 15:57