Нова детска градинка ќе биде изградена во Општина Центар, во населбата Пролет, во склоп на градинката „Раде Јовчевски Корчагин“. Почетокот на изградбата ќе почне околу средината на јули, а градоначалникот на Општината Саша Богдановиќ, најави дека ова ќе биде најголемата градинка во државата.

– Ова е нашиот предлог проект кој што е донесен по донесувањето на новиот детален урбанистички план „Пролет“, и е прва градинка во населбата Пролет, каде според стариот ДУП објектот на локалната самоуправа е заменет со намена детска градинка, што претходно беше предвидено да биде деловен објект, изјави денеска Бодановиќ.

Како што информира, детската градинка ќе биде со подрум, приземје и еден кат со вкупна нето површина од 2.760 квадратни метри и најголема бруто површина за детска градинка во државата од 3.276 квадратни метри, односно по 21 квадратен метар за секое дете.

Капацитетот ќе биде 150 дечиња распоредени во девет занимални, ќе биде предвидена урбана опрема и ќе претставува урбана градинка со сандаци, со песок и земја и детски реквизити, лизгалки, лулашки и мостови.

Градоначалникот Богдановиќ рече дека надворешното игралиште ќе биде инклузивно и до него ќе можат да пристапат и деца со попреченост во движење.

– На надворешниот дел од фасадата предвидено е фасадно поставување на детска болдер карпа, каде што дечињата ќе можат да се качуваат. Концептот на истата градинка е да обезбеди акцент пред се да се стави во функција на децата за обезбедување на удобен простор за ран развој и игра на децата, додаде Богдановиќ.

Како што рече, во предвиденото техничко решение посебно е внимавано и на тоа сите пристапи и влезови да бидат одделни.

– Ќе има два главни влезови, за деца од 2 до 4 години и од 4 до 6 години, за родители и деца, административен влез за воспитувачи и администрација, влез за вработени во кујна и економски влез од подземен паркинг. Предвидена е изградба на галерија со сигурносна ограда и елементи и три дрвени куќички кои имаат улога на видиковец, додаде Богдановиќ.

Тој посочи дека долж галеријата се предвиудва изградба на тераса со дрвен под, обезбедена и осигурана за безбедно играње на децата.

Во подрумскиот дел ќе е сместена централна кујна, која ќе е во функција само за потребите на градинката.

Градинката е во вредност од 133 милиони денари, без вклучен ДДВ, а средствата се обезбедени од Општина Центар.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска по посетата на објектот посочи дека грижата за најмладите, за децата од претшколска возраст се наоѓа високо на приоритетот на Министерството и на Владата.

– Нашата владина програма предвидува до крајот на мандатот, до 2024 година опфатот на деца од претшколска возраст во градинки да изнесува 60 проценти, рече Шахпаска.

Таа ја истакна заложбата и на локалната самоуправа како носител на проектот. Како што рече, зголемување на опфатот на деца во Општина Центар во предучилишна возраст е потреба која особено беше наметната со пандемијата со Ковид-19, имајќи ги предвид протоколите кои го ограничуваат бројот на деца присутни во градинките.

– Се работи за еден современ објект согласно најновите светски, европски стандарди за сместување на деца од предучилишна возраст. Објектот ќе биде од инклузиовен карактер и покажува дека инклузија на деца од најрана возраст и од тука пристапноста до сите објекти во градинката говори дека посветено работиме за едно општество за сите, односно пристап до права и услуги за сите деца и граѓани подеднакво, рече Шахпаска.

Таа информира дека изминатиов период се отворени 12 детски градинки низ државата, зголемувајќи го бројот за опфат на деца за 700, а како што најави, до крајот на годината ќе бидат отворени дополнителни 13 градинки, со дополнителен капацитет за 1.300 деца.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/06/2021 15:44