По повод одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, денеска во паркот „Јане Сандански“ во Аеродром се одржа манифестација во организација на Општина Аеродром и Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“.

На настанот присуствуваа Ивана Цветковска, претседателка на Советот на Општина Аеродром, секретарот на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“, Атанас Конески, градоначалникот на Прилеп Илија Јовановски, директори, наставници и ученици од основните училишта што го носат името на Конески од општините Аеродром, Велес, Маврово и Ростуше и Прилеп.

Секретарот на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“, Атанас Конески во своето обраќање истакна дека со оваа манифестација непосредно и конкретно се вклучуваат кон суштинското одбележување на два јубилеја, 100 години од раѓањето на Конески и 20 години од формирање на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“.

Во знак на благодарност, Атанас Конески на претседателката на Советот на Аеродром, Цветковска во име на Фондациајта „Небрегово“ и ја поклони историската порака од Конески „Слово за јазикот“.

– Учебната година во сите основни и средни училишта заврши вчера, а денеска е убав ден да се прикажат дел од песните, лични творби од ученици од основните училишта во Прилеп, Велес, Скудриње и Аеродром, испратени на конкурсот од Фондацијата на тема „Поетски пораки за Конески“, вели Конески.

Секретарот на Фондацијата истакна дека програмските задачи и искажаните пораки се особено значајни и денеска кога се реализира националната програма со Агенда 2021 година во чест на Блаже Конески, што е првпат дел од календарот на важни меѓународни јубилеји на УНЕСКО, заслуга на државата со непосреден ангажман од Министерството за култура.

На настанот беа презентирани лични творби од учениците од основните училишта што го носат името на Блаже Конески, како и песната „Молитва“ од Конески во музичка изведба на хорот „Никола Карев“.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/06/2021 16:06