Во новиот филм „Телохранителот на сопругата на убиецот“ (The Hitman’s Wife’s Bodyguard), Рајан Рејнолдс го глуми ликот Мајкл Брајс, кој оди на психотерапија. По тој повод, глумецот одговори на критиките од сенаторот од Тексас, Тед Круз, кој неодамна прокоментира дека на народот не му требаат „Џејмс Бонд или Џејсон Борн со анксиозно растројство“.

– Не мислам дека е важно дали се работи за акционите херои. Тоа не е реален живот, вели акционата ѕвезда за „Јаху ентертејнмент“.

Тој продолжи со дестигматизирање на јавните дискусии за психичкото здравје – во вистинскиот живот, за што говори и на својот интернет-простор.

„До сите како мене кои ги исполнуваат работните задачи, размислуваат премногу, презаситени се од работа, презагрижени се и претеруваат во сè, ве молиме, знајте дека не сте сами!“, напиша тој во своја објава на Инстаграм, по повод Месецот на свесноста за менталното здравје – мај.

Рејнолдс ги разработи овие мисли и за време на последното интервју.

– Мислам дека е важно да разговараме за нашите внатрешни светови, но не на начин како ти да си „галактичката црна дупка“, па повторуваш – „јас, мене, јас, мене“… Мислам дека е важно да ги споделуваме искуствата едни со други, затоа што кога ќе се чувствувате како да не сте сами во нешто низ коешто минувате, кога ќе сфатите дека не сте сами, тоа ве растоварува на начин кој е скоро неопислив, објаснува тој.

Рејнолдс (44), кој има три ќерки со сопругата и колешка Блејк Лајвли, укажува на семејните односи како уште една причина за тоа зошто е отворен во врска со личните свои внатрешни борби.

– Посакувам татко ми, кој почина пред неколку години, да беше човек што зборува за тоа што се случува во него внатре. Затоа што се чувствувам како да ќе го познавав подобро така. Значи, имајќи деца сега, јас сакам да се осигурам дека многу од тоа е дестигматизирано и сакам да бидам подобар пример за своите деца – кога чувствувам вознемиреност или збунетост, тага или лутина… Да покажам дека има простор за сите овие работи. И ова се работи што мене не ми беа прикажани, така како што мислам дека требаше. Јас го гледам тоа како можност – тоа да се пренесе на поинаков начин, заклучува глумецот.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/06/2021 15:26