Беровските пожарникари добија нова опрема за противпожарна заштита. Опремата е обезбедена преку заеднички договор помеѓу општината и Дирекцијата за заштита и спасување за давање на трајно користење на опрема за противпожарна заштита.

-Врз основа на одлуката на Влада на РМ, од наша страна е извршено примопредавање и давање на трајно користење на опрема за противпожарна заштита за потребите на ТППЕ Берово. Со добивањето на оваа опрема, уште еднаш докажуваме дека се грижиме за унапредување на противпожарната заштита во Општина Берово и сме силно посветени за олеснување на пристапот за гаснење на пожари, истакнаа од Општината.

Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски потенцираше дека еден од главните приоритети на општина Берово во областа на противпожарната заштита е институционално опремување и зајакнување на капацитетите на Територијалната противпожарна единица и токму затоа во периодот што следи ќе биде набавено и повеќенаменско возило за справување со катастрофи, што според него ќе биде од големо значење за Берово во ефикасноста со справување со кризи од природни катастрофи и елементарни непогоди.

Новото возило според најавите на надлежните ќе пристигне до крајот на овој месец по што ќе биде ставено во служба на пожарникарите од Берово.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/06/2021 17:49