Мобилната библиотека „READ on wheels“ (РЕАД на тркала) денеска официјално ќе ја почне својата турнеја во Теарце, Тетовско.

На отворањето на библиотеката, како што е најавено, ќе се обратат градоначалникот на општина Јегуновце, Дарко Блажески, градоначалникот на општина Теарце, Исен Асани, директорката на Гете-институт Скопје, Тања Кригер, проектниот менаџер, Марија Чорбева Пеновска и директорот на ЦБС Лоја од Тетово, Бујар Лума.

Ќе има и читање поезија и креативна работилница со учениците од ОУ „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце.

Отворањето на мобилната библиотека „READ on wheels“ е во рамки на проектот Регионална мрежа за културна разновидност (РЕАД). „READ on wheels“ е специјално дизајниран и одлично опремен мини-бус и во следните 12 месеци ќе посети над 100 заедници во земјава. Модерниот мебел и опрема ќе се употребуваат за да се создава пријатен простор, во вид на библиотека на отворено, каде ќе се организираат активности со локалното население. Покрај соработката со училишта и библиотеки, посетите ќе вклучуваат и соработка со центри за деца и млади, месни заедници, локални невладини организации, културни оператори како локални фестивали, аматерски театри, соработка со писатели итн.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/06/2021 10:18