Тренерот Никола Матлиески ќе го предводи Голден Арт КЛ7 во следните две години. Тој беше прв асистент на селекторот на сениорскиот национален тим на последните две големи натпреварувања, Данило Брестовац.

Стружанецот од 2007 година ја стартува својата кариера како тренер во јуниорските екипи на Пролет и Металург, па преку сениорскиот тим на Металург 2 повторно се враќа во клубот во кој ја стартуваше истата, ракометниот клуб Тинекс Пролет. По четири години застанува на чело Голден Арт КЛ7.

– Доаѓам во средина во која се негува работата со млади македонски ракометари, клуб кој инвестира во создавање на услови во кои нашите млади играчи ќе можат правилно да се развиваат и нуди можност истото тоа да го покажат на терен. По природа сум голем работник, максимално посветен на ракометот и можам да ветам многу работа, тренинг, посветеност во следните години. Нашата цел не е само првиот тим, каде што клубот има голем играчки потенцијал, туку и созд1ѝавање на респектабилна база на млади играчи и тренери во младите категории. Благодарност до раководството на Голден Арт КЛ7, кое има визија да работи за доброто на македонскиот ракомет, за довербата која со максимална посветеност во периодот кој следи ќе се трудам да ја оправдам, изјави Матлиески.

Во периодот кој претстои Голден Арт КЛ7 заедно со новиот тренер ќе го формира стручниот штаб кој ќе работи со тимот и во зависност од потребите ќе ја зголеми конкуренцијата во играчкиот кадар. Клубот планира и во следните години да се потпира на исклучиво македонски ракометари.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/06/2021 13:14