Четириесет наставници, стручни соработници и директори од основните училишта и гимназијата во Гевгелија учествуваа на обука на тема „Образованието, семејството и менталното здравје во време на Ковид-19“, што ја организираше Општината во соработка со Институтот за европски, образовни и социокултурни и економски политики „ЕУ за тебе“.

Според градоначалникот Сашо Поцков, обуката била иницирана поради актуелната ситуација со пандемијата предизвикана од Ковид-19 од која произлегоа протоколи и нови модели за реализација на наставата кои го нарушија традиционалниот воспитно-образовен процес.

Поради тие промени, Поцков сметал дека гевгелиските просветни работници заслужуваат обука за професионален развој во чие спроведување со стручни предавања учествуваа професорките Ана Фрицханд, Елизабета Томевска Илиевска и Татјана Ивановска Стојанова.

-Сметав дека нашите просветни работници заслужуваат ваква обука за професионален развој која ќе им помогне да ги прошират знаењата и предизвиците, менталното здравје, моделите на комуникација меѓу нив и учениците, како и улогата на медиумите во ковид- услови, рече Поцков.

Од Општина Гевгелија нагласија дека и во иднина ќе се ангажираат со цел стекнатите знаења од обуките да придонесат за подобар квалитет во работењето со учениците.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/06/2021 15:13