Советот на Општина Кочани пред крајот на својот мандат ќе донесе одлука за организирање локален референдум во врска со изградбата на мини хидроцентралата на Мала Река.

Почитувајќи ги законските одредби за граѓанско изјаснување, за распишување на референдумот ќе се одлучува на седницата во август, а намерата е тој да се одржи заедно со локалните избори за да се намалат трошоците за организирање.

На денешната седница на општинскиот Совет имаше предлог во дневниот ред да се вметне и одлуката за распишување на референдумот, со барање да се почитуваат временските рокови.

– Сметам дека при носењето одлука за давање согласност за изградба на мини хидроцентралата, Локалната самоуправа ја заобиколила целата постапка, односно претходниот состав на Советот воопшто ни не бил прашан. Според членот 36 од Законот за референдум и други облици за непосредно изјаснување на граѓаните, во наша надлежност е да распишеме референдум на локално ниво. Со оглед што од денот на распишувањето до одржувањето не треба да поминат повеќе од 40 дена, најдобро е одлуката да ја донесеме во август и изјаснувањето на граѓаните за мини хидроцентралата да биде заедно со локалните избори – истакна Венко Крстевски, член на Советот на Општина Кочани.

Во образложението за предлогот за распишување референдум, Крстевски додаде дека меѓу граѓаните преовладуваат ставови против изградбата на мини хидроцентралата на Мала Река, негативно мислење имало и од одделни државни органи, а неодамна и од Владата била најавена можност за преиспитување на некои од издадените дозволи за вакви објекти во државата.

Иако предлогот за распишување референдум беше повлечен и за него не се гласаше, беше дадена начелна согласност за одлуката повторно да се дискутира на последната седница на актуелниот состав на општинскиот Совет.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/07/2021 02:17