Бил Козби се огласи на Твитер откако Врховниот суд во Пенсилванија ја поништи неговата пресуда за сексуална злоупотреба. Во објавата, тој повтори дека е невин и им се заблагодари на обожавателите.

„Никогаш не го сменив ставот или приказната. Отсекогаш ја нагласував својата невиност. Ви благодарам на сите вас – моите обожаватели, пријателите и оние кои ме поддржаа мене, минувајќи низ ова искушение. Посебна благодарност до Врховниот суд во Пенсилванија за поддршката на владеењето на правото“, напиша Козби.

„Мирор“ пишува дека Бил го напуштил затворот вчеравечер, заминувајќи во бел автомобил. Еден маж и жена го одвеле дома.

Бил Козби одлежа повеќе од две години затвор. Тој во 2018 година беше осуден за дрогирање и сексуална злоупотреба на Андреја Констанд. Неговата пресуда беше укината вчера, откако беше пронајден договор со претходниот обвинител, што спречува судење за случајот.

Луѓе што го следат случајот, меѓу кои и активисти за правата на жените, сметаат дека таа спогодба не значи дека Козби е невин.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/07/2021 11:46