Во работна посета на општина Валандово престојуваше градоначалничката на збратимената словенечка општина Трбовље, Јасна Габриќ која истовремено ја врши и функцијата копредседавач со Комитетот на регионите во ЕУ.

Со својот домаќин, валандовскиот градоначалник Перо Костадинов, времето предвидено за посета Габриќ го искористи за обиколка на СОУ „Гоце Делч“, кое до сега има реализирано повеќе проекти поддржани од ЕУ кои на учениците им овозможија да стекнат мобилност, нови знаења и размена на искуства со ученици од други држави.

Двајцата градоначалници ја посетија и ТППЕ Валандово каде во чест на долгогодишната соработка и продлабочување на заедничкото пријателство меѓу двете општини, на пожарникарите им беше подарена професионална опрема којашто ќе им обезбеди поголема безбедност при вршење на должноста.

При посетата на „Наматекс“, Габриќ и Костадинов се запознаа со бизнис приказната на текстилната компанија која вработува 80 лица и околу две децении демонстрира силна развојна компонента.

-Валандовските компании имаат свој пријател во Словенија, како членка на ЕУ и подадена рака за поддршка. Пријателствата ги градиме цврсто и на долг рок оти се наша дополнителна вредност кои не носат напред кон заедничкиот успех што е наша главна цел, рече Габриќ.

Задоволство од посетата изрази и валандовскиот градоначалник Перо Костадинов кој посочи дека ќе продолжи посветеноста кон зацврстување на пријателството и градењето силни врски на долг рок со збратимената општина Трбовље.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/07/2021 20:47