„Биди хуман, сподели радост и израдувај непознато дете“ е мотото на хуманитарната акција која се одржа во продажните салони на книготеката Икона на ул. Максим Горки и во ТЦ Рамстор. Целта на оваа акција е подигање на свеста и испраќање на порака за тоа колку е важно да си помагаме и да споделуваме радост, и тоа онаму каде што тоа е најпотребно.

Акцијата беше организирана од Весна Константинова, авторка на познатите книгички за деца со Ристе Рисот, во соработка со книготеката „Икона“, со подршка од Сузана Турунџиева и Атиџе Муратовска.

Според зборовите на авторката, за да го поттикне интересот кај јавноста и за да стави акцент на тоа дека секој од нас може да е хуман доколку посака, со секоја купена книгичка со Рисот Ристе следува уште една книга, која треба да биде донирана на децата на Детската клиника во Скопје.

– Изненадувањата се секогаш убави, а хуманиот гест кога е направен од срце, зборува повеќе и од најубавите зборови, вели авторката Константинова

Оваа акција се одвива во неколку етапи, во текот на летните месеци, а главната замисла е да се израдуваат што е можно повеќе деца, кои од различни причини можеби ја загубиле насмевката на своето лице.

– Детските насмевки се бесценети, затоа да бидеме хумани и да споделиме радост, порачува авторката.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/07/2021 13:53